Pofalba na obratnosta

 

 

ПОФАЛБA НА ОБРАТНОСТА

скици за драма

Еве, на пример, еден ваков стоп кадар: Во една населба, во една зграда, во еден стан, во една фамилија се слави петтиот роденден на едно девојче. Собрани се роднини, пријатели и соседи. Се поставуваат маси, се готви во кујната, децата играат под масата со подароците на славеничката. Возрасните се веќе полупијани и со мезе жестоко расправаат за политика. Партиски се поделени во два табора, гласни се и не се дослушуваат. Некој вели: аман доста со политика, само немојте за политика, нели рековме нема за политика.

Но веќе е отидено предалеку. Ситуацијата е вжештена, се води бурна дискусија. Среде кавгата, некој силно удира со тупаница по масата. Пауза. Тишина. Сѐ сопира. Домаќинката застанува на вратата од кујната со руска салата во рацете, децата излегуваат од под маса да видат што се случило, непријатна напнатост во воздухот.

За беља јас влегувам токму во тој момент. Доцнам. Не разбирам точно што се случува. Одеднаш сите се вртат кон мене. Петгодишната славеничка ме одмерува од глава до петици, како да сака да провери каков подарок носам. Ме гледа право во очи. Збунет сум. Седнувам. Возрасните се нестрпливи да оценат која страна ќе фатам во расправата, прашуваат на чија страна сум, за кого навивам. Интересен сум само во тој дел од секунда, додека не се изјаснам, додека не видат на кој тас ќе го ставам мојот политички влог. Чекаат брзопотезно решавање на квадратурата на кругот. Шеговито велам дека сум драмски писател и дека ме интересираат сите страни, посебно онаа третата која ги премостува и спојува завојуваните две страни. Се препотувам. Разочарани се, ме гледаат кисело. Веднаш ме исклучуваат и од двете партии. Очекувале графит, а не драмска пиеса.

Блиц. Стоп кадарот се откочува. Кавгата продолжува без мене, од истата точка на која пред малку беше прекината. Сите се враќаат на своите барикади. Повторно корида, се коле бикот во арената. Никој веќе не ми обраќа внимание. Кој има време, нерви и кеиф да слуша образложенија подолги од една реченица. Кажи човече просто, петка или глава, риба или девојка.

 

ТАПОГЛАВИ И ШИЛОГЛАВИ

Во една земја народот е поделен на две завојувани страни. Едни веруваат дека јајцата треба да се кршат само од тапата страна, а други исклучиво од заоблената. По тоа прашање се води војна од памтивек и луѓето se zamrazeni. Навиваат строго за своите и ги обвинуваат оние другите дека се на погрешната страна на историјата.

Ова, се разбира, се однесува на земјата Лилипут од Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт од 1726. Сатиричната поента е дека ние најчесто проблемите не ги гледаме поединечно и неутрално туку ги мериме ѓутуре, од око, низ призмата на групата на која припаѓаме.

На оваа тема Бертолд Брехт во 1931 напишал антинацистичка сатира за земјата Јаху, во која еден режим, за да ја одржи власта, ги саска луѓето со обли глави против оние со зашилени глави.

Ех, колку ќе беше едноставно да умеевме да седнеме и да се договориме дека јајцaта може да се кршат и од двете страни. Ќе беше, ама не е.

Обидите за договор се доживуваат како попуштање пред другата страна, предавство на интересите на групата. Секој збор и постапка се мерат на партиски кантар, секое влакно се цепе на две и строго се класифицира: наше – нивно, ваму – таму.

И двете страни имаат одамна воспоставени системи, хиерархии, војски и полиции, приоритети, агенди, херојски традиции, навики, селективно паметење, здруженија за негување на ова или она, деноноќна индустрија на спин, армија на медиуми, мрежи за комуникација, дресирани клиенти, трабанти, вешти лица, вљубеници и платеници кои се хранат и живеат исклучиво од негувањето и одржувањето на ваквата поделеност. Секој обид да се артикулира и застапува некаква средишна позиција се доживува, напаѓа и отфрла како трула неутралност, пакт и капитулација.

Историјата врие од вакви длабоки бинарни провалии. Во средниот век во Византија војувале иконоборците и иконокластите по прашањето дали смее да се слика лицето на Бога. Во 1054 Христијанската црква пукнала на две околу тоа дали e приматот кај Отецот или и кај Синот и дали причеста ќе се прави со лепче со квасец или без квасец. И таквата ситуација натаму природно довела до крстоносните војни. Во 632, по смртта на пророкот Мухамед, почнала битката меѓу Шиитите и Сунитите околу тоа кој е правоверниот наследник на исламот. Оваа битка сеуште трае.

 

ТЕСЕН КАЛАП

Историјата и политиката ги кројат и пакуваат човечките општества во тесни калапи. Сѐ што штрчи се кастри и гори на клада, плаќа со копање на очи и сечење на јазик.

Во нашиот вилает многумина ја сметаат оваа ситуација како нешто зададено, природна појава која едвај да може да се менува или пропитува, елементарна непогода, нужно зло, нема бегање од судбината, оставени сме на милост и немилост на деспотите, може само да се молиме да не ни се падне некој ептен катиљ.

Фатени во ваков расчекор, со леснотија даваме завети, полагаме заклетви, бацуваме знамиња, ги даваме умот и срцето под кирија, им се молиме на нашите светци и богови, им даваме ишарет на нашите моќници, се приклонуваме на мнозинството. При тоа се разбира, сакале или не, ги заштитуваме нашите лигуши, им прогледуваме низ прсти на нашите злосторници. Ја браниме групата, водачот или организацијата наместо вистината и правдата. Но си велиме, тоа е мудро, тоа е принципиелно, така прават возрасни, тоа е политика, така се штити племето, фамилијата, така се брани иднината. Топло ни е во толпата. Дури сме и горди што ете се жртвуваме за повисоки цели, доброволно гориме на олтарот на историските идеали.

И патуваме во правец за кои не убедуваат дека е единствено праведен и морален и благословен од Бога. Тргаме на една демонстрација, па на втора, па логично и на трета, па потоа сме вовлечени во митинзи, манифести, политички говори, прогласи и колумни, па одговори на напади, па контранапади, па силни акции, па уште посилни реакции, па мафтање со партиски книшки, па итни вонредни седници со анализа на новонастанатата ситуацијата, па широк ангажман со сечење глави на противниците. Не затоа што сме крвожедни, туку затоа што тоа го бара логиката на настаните. „Па зарем тие би не поштедиле нас?„

И еве нѐ, како народот од Лилипут, острвено викаме против другата страна – да им се отруе млекото мајчино, да се сотрат, да се истребат, да се поништат, да се помножат со нула, да се поклопат со бетонска плоча, семката да им се затре, трева да не никне по нив. Бараме конечно решение!

Нашата победа ќе биде можна само ако тие доживеаат тотален и срамен пораз! Или сме се или не сме ништо!

Од каде тоа кај нас, вакви никакви смртници, тој ангелски стремеж за идеална правоверност и монолитност, таа манастирска потреба белото да е без трошка црно, пријателство да е гроб, лојалноста да е безпоговорна. Навредени сме и разочарани ако некој со најмал збор или гест фрли сенка на вечноста, покаже знак на различност. И така само ние остануваме невини во душата, застанати храбро на браникот на правдата, додека оние другите кукавички тонат во предавство и злоба.

Од време на време ќе се излажеме дека дувнале свежи ветрови, дека работите кај да е ќе се менуваат. И навистина, молскавично и преку ноќ, едниот правец се заменува со друг. Со ефикасна леснотија, сѐ што правела предходната власт се става во заграда, пред која се повлекува минус. И така елегантно се ничкосува сета смисла на равенката. Но не дошло до вистинска промена. Тоа само едната исклучивост и едностраност се заменила со друга. Курто го заменил Мурто.

Па обичните луѓе здраворазумски се жалат “Разните шофери, механичари и кондуктери го растурија автобусот. Го потрошија горивото, го упропастија моторот, ги украдоа и распродадоа деловите. Сега не викаат нас патниците да помагаме, велат било доведено во прашање натамошното патување. Разните доктори, сестри и помошен персонал ги украдоа апаратите, инструментите, ги распродадоа лековите и завоите. Сега се повикуваат на нашата моралната одговорност и бараат од нас пациентите да станеме и да се бориме за спас на болницата.”

 

АДСКА НАКОВАЛНА

Во ваквиот совршен заговор, во царството на едностраните политики, сѐ е под суспензија, ставено на слеп колосек, во некаква историска чекална, додека не заврши големата меѓусебна пресметка. Нема континуитет, па нема ни спомени. Нема простор за обични радости, за родендени и матури, за кафе и боза, за семки во парк, нема граѓански активности, нема шахисти, филателисти или нумизматичари. Нема веќе смисла пополнувањето хербариуми. Нема место за малите приватни индискреции, како стареење и болест. Потиснато е секојдневието. Веќе не ги забележуваме цвеќињата, не славиме слави, не пееме песни, не дишеме воздух. Нема љубов, нема живот. Сѐ е заменето со најновите вести за политичкиот момент и актуелната ситуација. Ред се редат коментатори, аналитичари и експерти, трибини и панел дискусии.

Политиката воведува редукција до апсурд. Сака светот да го сведе само на една страна, виножитото на една боја, музиката на една нота, книгата на едно слово. Сака да воспостави само вдишување, а не и издишување. Власта сака да биде еден и единствен родител, татко кој сам себе си ќе се оплодува. Не допушта да има и мајка, за да таа случајно не посака да полага право на детето и да се меша во воспитувањето.

Политиката сака постојано да ечи, да биде гласно и широко присутна, видлива во крупен план, во сите формати и на сите канали. Упорно бара да биде третирана како да е вечноста сама, се излива себе си во бронза за да стане легенда и споменик додека е уште жива, има намера да ги укине и минатото и иднината и да устоличи некое свое ново постојано сегашно време. Гледајте ме и чудете се, овде и сега.

Зошто Гогољ и Нушиќ се сеуште така морбидно смешни? Затоа што се морбидно точни. Технологијата на власта се нема променето. Удри убиј, силеџиска самозаљубеност, стоп-претрес.

И во ваквата адска наковална се меле, троши, сплескува и убива секоја посебност, во аван се толчи секоја различност, во висока печка се топи и поништува секоја обратност. И така се кали топовско месо.

И не случајно нам на космичките инетчии, од големиот свет ни праќаат емисари попусто да не подучуваат на техники на договор, компромис, вин-вин, како сите да бидеме добитници, како да најдеме средишна линија, заеднички основи.

 

ПРОКЛЕТИ ДА СЕ И ДВЕТЕ ВАШИ КУЌИ

И кои се тогаш опциите за барање обратност во овој свет кој е испоснет од опции? Најстрашната опција е лудило и смрт. Големите трагедии не учат дека луѓето се осудени да стенкаат под разни варијанти на диктатура, под теророт на осилена власт која смета дека полага право на завршна сметка.

Една од големите теми на Шекспир е дека љубовта е невозможна во светот на политика. Кога Ромео и Јулија се принудени да бираат меѓу страните на Капулети и Монтеки, тие увидуваат дека тука всушност нема никаков избор. Љубовта ги тера да ја изберат единствената обратна страна, смртта. Нивниот пријател Меркуцио, кој се обидува да посредува, добива меч во стомак. Умирајќи тој вели: “Проклети да се и двете ваши куќи”!

Принцот Хамлет е распнат меѓу две исклучиви страни, атавистичкиот нагон за освета на убиениот татко и високите хуманистички идеали кој ги научил на универзитетот во Витенберг. И сега седи со парализирана волја, во стазис, во длабока внатрешна дилема. Која страна да ја фати човек, кога нема страна? Ќе земам капа, ќе фатам планина. Ќе одам таму, кај мајмуните. Во мојата внатрешна џунгла. Во мојот џенем. Ќе одам на некоја телевизија, на трибина на тема дали Данска станала зандана, дали го чуствувам налогот на времето? Дали знам дека чичко ми го убил татко ми и му ја грабнал круната и како се чуствувам кога гледам како он ја ебе мајка ми? И сега? Да пишувам песни за мојата психодрама или да земам оружје во рака? И кого да го убијам? Него или неа или двајцата или себе самиот? Дај ми десет надворешни, туѓи и далечни непријатели, не ми давај еден внатрешен, домашен и близок.

Советникот на кралот Полоние, ја користи ќерка си, младата Офелија, како мамец за да може кралот да ги прислушува телефонските разговори на Хамлет. Таа мора да бира меѓу патријархалната лојалност кон татко си и Хамлет, човекот кој го љуби, а кој ја изневерува. И бидејќи нема избор, таа игра на единствената преостаната обратна карта. Се истиснува од животот, во лудило и смрт.

И конечно не нѝ требаат примери на Шекспир. Го имаме нашиот Чернодрински. За што е “Македонска крвава свадба” ако не имено за тоа дека нема услови за љубов во услови на ропство.

 

АMOR FATI

Друга обратна опција за поднесување на зулумот на политиката е фатализмот. Правење луд, сеирење, солипсизам, аутизам, не сум од тука, ова што се случува не се случува, не гледам вести, не читам весници. Ниче пишува за феноменот на Амор Фати, вљубеност во судбината која постојано се повторува, како бескомпромисно прифаќање на стварноста онаква каква што е. Гледање во ужасот кој гледа назад во нас.

Значи фатализмот не е пасивна состојба. Напротив. Он не ги исклучува напорите за промена и подобрување на ситуацијата, но ја прифаќа безнадежноста, сфаќањето дека може да се стори многу малку или скоро ништо. Фатализмот е страсно борење со судбината, танц во смртносна љубовна прегратка, кој не е без весело мазохистичко уживање.

Во “Еке Хомо” Ниче пишува: “Мојата формула за човечката величина е амор фати, да не се бара промена, ниту напред, ниту назад, засекогаш. Не само што човек треба да ја поднесува оваа неопходност и да не се обидува да ја прикрие, туку треба и да ја засака. Секој идеализам е само обид оваа неопходност да се залаже„. Бекет вели дека секој обид за пишување е нов пораз, но со надеж дека следниот пораз ќе биде подобар од предходниот.

Во “Лир” Шекспир вели: “Мораме да го истрпиме нашето доаѓање ваму како и нашето заминување одовде. Во зрелоста е сѐ.” Можеби зрелоста е радосно вежбање на поразот. Првиот роман на Леонард Коен се вика “Убавите губитници”. Генијот на македонските народни песни сведочи за длабоко доживен губиток. Блузот е губитничка музика. Босанскиот севдах исто. Иво Андриќ е големот поет на нашето губитништво. Само губитокот е вистинската и голема човечка димензија, душата на драмата и книжевноста. Добивката е неинтересна. Таа е за калкуланти и банкарски чиновници.

 

СЕКС, ДРОГА И РОКЕНРОЛ

Трета обратна опција за сите стаписани, шашардисани и занемени, за сите уплашени, уценети и затекнати, за сите понижени и навредени, е опцијата на алкохолизам, опијати, дијазепами, психотропски супстанци, езотерија, билки, чаеви, хороскопи, гледање во гравчиња, спортски кладилници, колекционерство, магија, сапунска телевизија, јога, теории на завера, дигање тегови, исчезнување во непознат правец, емиграција во далечни земји.

Многумина изведуваат секојдневни мазохистички сеанси со бескрајно бдеење и следење на вести, како да од тоа ќе искамчат затскриена трета вредност, како да ќе извадат алхемиско злато од рѓата.

Ова успешно се користи и како универзален изговор за неделување, за метафизичка мрза. “Сега ли ти текна, слушам вести, па зар не гледаш дека чекаме пристапен договор за Европската унија, работата гори”!

 

БОРБА ВО НИЧИЈА ЗЕМЈА

Четврта опција за обратност е политичка борба во оној тесен меѓупростор кој е сеуште останат непоклопен од шепите на власта. Како што вели Булгаков “Секоја власт е насилство врз луѓето.” Tоа насилство некогаш е манипулација, некогаш е терор, но секогаш е принуда. Власта редовно тврди дека целите се постигнати и дека нема потреба за борба. Но тоа не спречува неброени луѓе да ги жртвуваат своите животи, да ја заложуваат својата иднина, да водат индивидуални герилски битки.

Неброени активисти, блогери, демонстранти, водат граѓански кампањи и алтернативни акции. Голем број здруженија во невладиниот сектор се борат во онаа ничија земја на локални активности, борба за животна средина, за смисла. Имаат оган во срцето и план во главата. Бараат под дрво и под камен вентили за артикулација на својот пркос, гнев, бунт, глад за правда и слобода.

Во историјата има примери на храбри, осамени и несреќни поединци, кои вежбале одење по тенка политичка жица меѓу Сцилите и Харибдите. Хуманистот Еразмо од Ротердам во петнаесеттиот век барал среден пат меѓу Католичката црква и протестантизмот на Лутер. Бил во центарот на сите дебати, се допишувал со петстотини луѓе, не барал ништо за себе, не припаѓал никому, ги критикувал сите и бил скептичен кон сѐ. И двете страни очекувале од него да им се приклони и да го стави својот авторитет на нивна сграна. Тој упорно се клонел од еднострана позиција и фанатицизам. Заговарал умереност и се обидувал да посредува па добивал ќотек и од едните и од другите, кои го сметале за нелојален.

Во политиката има разни примери на барање на дијалектичен трет, обиди за помирување на политиките на крајната левица со крајната десница. Движењето на неврзување беше таков пример на барање на алтернатива меѓу двата блока кои водеа студена војна.

Мартин Лутер Кинг беше политички заговорник на тивок отпор, Махатма Ганди на пасивна активност, Нелсон Мандела на линијата на помирување.

 

ЗА ОБРАТНОСТА

Животот е невозможен без својата спротивност, без својата внатрешна парадоксална обратност, без инверзија. Хуморот е невозможен без разорниот обрт на крајот на вицот. Така се обновува животот. Фениксот се крева од пепелта. Сите диктатури грешат на оваа фундаментална точка. Го укинуваат хуморот и така го укинуваат крвотокот, го загрозуваат животниот процес, воведуваат некроза.

Опасно е кога стеблото сака да го укине коренот, синот таткото, последицата причината. Сѐ што се потиснува само се подготвува за идна експлозија. Моќта која не може да ја издржи својата сопствена внатрешна спротивност е осудена на пропаст. Неопходно е да се чуе обратниот, внатрешен глас кој укорува, моралниот императив кој бара небесна рамнотежа во нашите земски потфати. Моќта без морален компас е погубна.

Обратноста е природна како вољата за живот. Слободата мами во обратност. Во постојано преиспитување на границите. Животот е полн само ако во себе ја содржи својата негација. Вечноста има смисла само во однос на минливоста. Оној што заминува од дома, не заминува за да и сврти грб на татковината, туку затоа што смета дека ја носи домата во себе, дека таа е во него, дека е содржана во патувањето.

Детото е плод на љубов, рожба која не ги исклучува родителите, туку ја претставува нивната трета страна, страната на животот. Децата природно се делат од родителите не за да ги напуштаат, туку за да ги потврдат, за да имаат свои деца. Детето органски расте контра родителите, ученикот контра учителите, младоста контра староста, пролетта контра зимата. Така се расте.

Уметникот природно се конфронтира со својата култура, со својата традиција, со себе самиот. Сѐ е во постојано премерување и надминување. Во културен натпревар. Единственото нешто кое нема обратност е смртта. Само таа има сингуларност на црна дупка.

 

МЕКА МОЌ

Вистинската моќ е тивка и скромна и воопшто не личи на моќ, па многумина ја сметаат за слабост. Болен Дојчин е вистински херој, интелектуален џин. Тој е замислен нервчик, нашиот Хамлет, го раздираат сите метафизички проблеми на векот, ги носи во себе сите неволји до степен што дури и се смета виновен за нив, мозокот и срцето му горат од дилемата да се биде или не и како. Тој изгледа збунет и кревок и слабо ухранет, тешко спие, едвај гледа низ дебелите очила. Како Блаже Конески, нагрбен со задачата да ја носи и крепи и обновува македонската култура.

Иако поговорките не учат дека умот царува и дека силата не е баш кој знае што, споменици и монументални скулптури добиваат главно мажи качени на коњи, со пушки и мечови во раката. Мудроста и умот се состојба на духот која тешко може да се покаже и да се излие во бронза. Кренатиот меч и вперениот пиштол се знаци на видлива драмска акција. А кои се знаците на невидливото вековно тивко поднесување и трпење и измолкнување пред бруталноста на власта и неразмерната сила? Како треба да изгледа споменикот на простото преживување?

Од авион се гледа арогантниот далновод кој пренесува јаки струи. А никој не го гледа скромниот микропроцесор кој работи на слаби струи, но извршува милијарди операции во дел од секунда.

Емпатијата е капацитет за примање на другоста. Тоа е мера на нашата човештина, милозливост. Великодушноста е присутна отсутност, полна празнина, оној дел од нас кој го оставаме за сочуство со другите луѓе, како свечена приемна соба во сиромашен стан, оној најдобар залак кој го оставаме за блискиот, го подаваме, го жртвуваме, го подаруваме.

Светците ни сведочат дека се што не е подарено е изгубено, дека само она што го споделуваме станува вистински наше, дека сме добиле само онолку љубов колку што сме дале. Длабинската смисла на христијанскиот мистицизам, на зен будизмот и на таоизмот се кријат во обратноста. Што е простувањето ако не мека снага, моќна исцелителна сила на љубовта.

На вистинската снага и доликува да е мека, на вистинската убавина и доликува да е смерна, на вистинскато богатство му доликува да е скромно. Полицијата и армијата ќе речат дека не можат да си дозволат да се потпираат на мека снага. Но културата има обврска тоа да го прави. Смислата на драмата е во обратноста, во драмската иронија, во нејзината двополност. Тоталитаризмот по дефиниција не поднесува драма, тој неа ја скопува. Наместо драма воведува рецитали и се храни со оди, политички памфлети, идеолошки плакати.

Матош и Андриќ ни порачуваат дека колку и да се различни нашите политички патишта и интереси, упатени сме на заедништво едни со други, дури и наспроти нашата волја. Оваа обратност која укажува на сличностите, а не на разликите, која упатува на она што е заедничко, а не на она што дели, се вика уште – култура.

Неопходна ни е, како воздух и како вода, ваквата органска спрега на спротивности. Демократијата е можна само како мека снага, како заеднички прифатливо и прифатено решение, како чедо на преговор, договор и конструктивен компромис. Како жива обратност.

 

КОДА

Роденденот заврши. Возрасните, пијано и раскарано, веќе заминаа, заедно со своите деца. Домаќините ја раскреваат масата. И јас сум на заминување, веќе го имам облечено палтото. Ми приоѓа малата славеничка и ме прашува: Што ќе биде со нас? Како, велам? Како што прашувам, вели. Ќе биде добро, велам. Настапува куса тишина. Таа продолжува: Не е точно дека интелектуалците молчат. Напротив. Некои од нив премногу зборуваат, матат вода во аван, ќе беше поарно за замолчат. Крв се цеди од нивните усвитени глави и воинствени писанија.

Гледам во неа, не знам што да ѝ кажам. Таа продолжува: А некои од нив, пак, молчат. Не сметаат дека што имаат да кажат е нешто од јавен интерес. Зошто да ја соопштуват нивната меланхолија и весела мизантропија? Тие сонуваат некое време во кое ќе биде општествено корисно да зборуваат само за своите дела. Замисли ТВ вести кои почнуваат со: тој и тој писател по повеќемесечни авторски дилеми решил да воведе нов лик во третиот чин, одлука која ќе има сериозени реперкусии по драмското дело.

Молчешкум кимам со главата. Таа ми ја отвара вратата и на заминување ме прашува: Има ли живот вон скутот на политиката, таа сурова мајка која не задојува – на секира?

 

Горан Стефановски